Култура Македонија

Скопје одбележува 76 години од депортацијата на македонските Евреи

Со повеќе активности денеска во Скопје ќе бидат одбележани 76 години од депортацијата на македонските Евреи, во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.

Во Македонскиот народен театар ќе се одржи комеморативна свеченост на која се најавени обраќања на премиерот Зоран Заев, претседателката на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ, Рабин Ендрју Бејкер, директор за меѓународни односи во Американскиот еврејски комитет, Роберт Сингер, потпретседател и главен извршен директор на Светскиот еврејски конгрес и Зеев Елкин, министер за Ерусалим и за заштита на животната средина на Израел.

По комеморацијата во Меморијалниот центар на холокаустот ќе биде отворена постојана изложбена поставка.

Претходно, ќе биде положено цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи, кај поранешниот скопски Монопол, каде ќе има обраќања на претседателот на Меѓународната асоцијација за сеќавање на холокаустот, амбасадорот Жорж Сантер и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на паднатите броци во НОБ на Градските гробишта Бутел.

Активностите ќе бидат заокружени со комеморативен концерт во Меморијалниот центар на холокаустот, со обраќања на Романо Николиќ и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

По повод 76 години од депортацијата на македонските Евреи вчера во Битола се одржа „Марш на животот”, со учество на високи гости од државата и странство, амбасадори и конзули, владини министри, претставници на јавниот живот од градот и ученици од Израел и Германија.

Коморативната програма ќе продолжи утре во Штип, каде, меѓу останатото, ќе се одржи Марш на животот и ќе биде положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од овој град.

За време на Втората светска војна од државава биле депортирани 7.114 Eвреи, кои биле одведени во логорот Треблинка во Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.