Балкан Политика

Познат американски експерт прозборе за прашањето кое може да предизвика војна на Балканот

Тимоти Снидер, еден од најпознатите американски и светски историчари, професор на престижниот Универзитет Јејл и на Институтот за хуманистички науки во Виена, проговори за границите на Балканот.

Експертот за историја во источна и централна Европа, проговори за едно од најчувствителните прашања на просторот на поранешна Југославија, за кое многумина сметаат дека би можело да предизвика избивање на нова војна – утврдувањето на границата помеѓу Србија и Косово.

Снидер на прашањето дали Белград и Приштина треба да посегнат по прекројување на границите истакна дека во историјата досега се случувало „мало корегирање на границите“, но тоа било резултат на сеопфатна расправа и процедура во повеќе фази.

„Треба да потсетиме дека европската политичка игра после Втората светска војна се темели на почитување на границите, иако знаевме дека тие се несовршени. А, политичката промена мораше да се случува поради интеракцијата на државите чии граници не се менуваат. После Првата светска војна границите се променија, во текот на Втората светска војна луѓето ги преселуваа и убиваа, па беше одлучено повеќе да нема етнички чистења и геноциди и да нема менување на границите“, изјави Снидер за „Н1“ и додаде:

„Поради тоа, тоа е европски проект, прифатени се несовршени граници и национални малцинства и се настојува да се изгради Европа врз темелот на соработка на државите, во рамките на постоечките граници“, изјави Снидер.

Тој исто така нагласи дека Русија од 2014-та година го прекршува тоа правило во конфликтот со Украина и тоа резултирало со катастрофални последици по сите страни, вклучувајќи ја и Русија.

„Меѓутоа, тоа не значи дека границите не можат малку да се корегираат. Тоа веќе се случуваше, иако не зборуваме често за тоа. Повеќе пати се случуваше некое село или река да станат дел од територијата на некоја друга држава. И се додека на тоа се гледа како на прилагодување, а не на некое начело, јас не сметам дека е голем проблем“, истакна американскиот историчар.

Сепак, Снидер смета дека се зависи од тоа како се говори за прекројувањето на границите помеѓу државите.

„Ако ги промените границите на Западниот Балкан и кажете „па во ред е тоа што Русија изврши напад на Украина“, тогаш правите нешто страшно. Во случај да се случи нешто такво, потребна е слоевита процедура. Тоа не треба да биде резултат од состанок на двајца челници на држави, туку како резултат на процедури во повеќе фази и опсежна дебата, па се да биде досадно и да има помал симболичен одек“, смета Снидер.