Култура

Повик на ДПМ за прием на нови членови

Друштвото на писателите на Македонија во текот на март ќе прима апликации за членство. Пристигнатите ќе ги разгледува Претседателството на  ДПМ на редовна седница во април и по пат на гласање ќе ги избере кандидатите кои ги задоволуваат критериумите за избор.

-Пожелно е апликантите да се творци на дела со забележлив критички одглас во јавноста и да се личности кои се посветени на развојот и афирмацијата на литературата во современото општество. Особено се поттикнуваат помладите автори на возраст до 35 години, како и книжевните творци кои пишуваат на јазиците на националностите, соопшти ДПМ, додавајќи дека основни критериуми  ќе бидат уметничките квалитети на понудените авторски дела и степенот на нивна препознатливост и потврденост во релевантните книжевни кругови.

Апликациите за членство треба да се упатат до Претседателството на ДПМ заедно со: примероци од најмалку три и најмногу четири авторски книги (доколку имаат повеќе објавени дела);  био-библиграфија во која ќе се потенцираат сите постигнати успеси на книжевен план (критички осврти и награди, застапеност во списанија, антологии и избори, учества на книжевни фестивали и други манифестации, преводи и препеви на други јазици) и две препораки од истакнати писатели.

Апликациите, книгите и останатата документација може да се достават лично или по пошта во просториите на ДПМ, на ул. „Максим Горки“ бр.18, секој работен ден од 9 до 12 часот, или да се пратат во електронска форма на адресата [email protected]. Ќе се уважат и скенирани препораки со потписи и книги во ПДФ.

Тагови