Култура Македонија

Министерот за култура Адеми: Програмата не ја потпишав со затворени очи, за конкурсите одлучуваа професионални комисии

Министерот Адеми рече дека објавувањето на резултатите од годишните конкурси на Министерството за култура во средствата за јавно информирање, предизвика низа реакции што отворија нов дијалог меѓу Министерството и културната јавност.

Од друга страна, посочи тој, тоа укажува на суштинско менување на законската регулатива за културата, особено во делот на финансирањето.

– Како министер за култура и како човек кој длабоко ги респектира авторите и уметниците, нема да дозволам нивниот уметнички труд и ангажман да биде несоодветно валоризиран. Во таа смисла ги преземавме сите правни механизми. Рокот за продолжување на пријавите на конкурсот го продолживме за 30 дена, а стручните комисии ги преиспитаа поднесените апликации, истакна министерот.

Ги повика сите оние кои сакаат да конкурираат, во иднина да доставуваат комплетни документации и почитување на законската регулатива.

Адеми рече дека ниту еднаш не го искористил дискреционото право за одлучување при финансирањето на проектите, туку оти тоа го оставил на стручните комисии, составени, како што рече од долгогодишни професионалци во струката.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Магдалена Манаскова го праша министерот зошто некои национални установи добиле помалку средства, за разлика од одредени невладини организации што добиле повеќе пари за еден проект, посочувајќи го примерот дека Здружението Еко вида и Тралала добиле по 780.000 денари, а Националните установи Музеј на Тетово кое добило 440.000 денари и НУ Музеј на Гевгелија 630.000 денари за своите годишни програми.

Адеми повтори дека ниту една одлука не е донесена од негова страна, туку од страна на стручните комисии и оти стои на ставот дека сите нивни членови се професионалци.

Манаскова му одговори дека не се согласува со тоа и побара од министерот да ги достави биографиите на сите членови на комисиите.

– Не ја потпишав програмата со затворени очи, туку го почитувам мислењето на комисиите и нивните членови, одговори министерот на прашањето од пратеничката Нора Исмајлоска-Старовa за ревидирање на Годишната програма за нацинален интерес во културата.