Свет

Лидерот на ИСИС се појави во видео за првпат по 5 години

Видео е објавено од Исламска држава неколку недели откако остатоците од групата беа избркани од последното упориште во Сирија.

Бегалецот-лидер на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, се појави во пропагандно видео првпат по пет години, во кое го признава поразот на терористичката група во сирискиот град Багуз.

Ова е вторпат Багдади да се појави во видео, а е објавено неколку недели откако остатоците на ИСИС беа избркани од нивното последно организирано упориште во источната сириска пустина. Со помаченички изглед отколку кога го прогласи постоењето на сега пропаднатиот калифат во средината на 2014 година, Багдади за поразот го обвини „дивјаштвото“ на христијаните.

Седејќи крснозе, со пушка калашников до себе, тој зборува не повеќе од 40 секунди.

„Навистина, битката за исламот и неговиот народ против крстот и неговиот народ е долга битка“, вели тој.

„Битката за Багуз е завршена. Но, таа ги покажа дивјаштвото, бруталноста и лошите намери на христијаните кон муслиманската заедница“.

Целта на видеото се чини е да се признае загубата на преостанатите џебови на ИСИС и да се покаже дека Багдади сè уште е жив. Тој објави неколку аудиопроповеди во последниве години, последната во август минатата година, но неговото долго отсуство од јавноста ги поттикна шпекулациите дека Багдади е ранет или можеби и убиен.

Регионалните и западните разузнавачки служби сметаат дека Багдади почнал да ја губи моќта во ИСИС од крајот на минатата година, кога серијата порази од копнените сили под водство на курдските единици и воздушната кампања предводена од САД го приклештија лидерот на групата во напуштена област во Сирија на брегот на Еуфрат.

Разузнавачите веруваат дека серија битки почнале минатиот септември меѓу лојалистите на Багдади и друга фракција решена да го собори. Несогласувањата во редовите на ИСИС кулминирале со престрелка во ноќта на 7 јануари, по што Багдади морал да избега од Багуз со своите телохранители. Се верува дека тогаш се префрлил во Ирак и дека можеби се крие во провинцијата Анбар во западниот дел на земјата.

Официјални лица укажуваат дека еден од водачите на ИСИС, Абу Мухамед ал Хусеини ал-Хашими, за кој се верува дека му е далечен братучед на Багдади, е клучен во движењето против него. Хашими неодамна објави книга од 231 страница во која повикува на бунт против него и на заколнување на верност на нов лидер.