Култура Македонија

Асаф Адеми и Александар Богдановиќ потпишаа Програма за културна соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора

Министерот за култура Асаф Адеми, денеска со министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ ја потпишаа и Програмата за културна соработка за периодот 2019 – 2022 година, преку која се дефинираше правна рамка за реализација на културни содржини во периодот што следува.

Овој билатерален документ се надоврзува на веќе потпишаната и ратификувана Спогодба меѓу двете Влади и Првата програма за соработка во областа на културата која беше со важност до 2019 година, и е одраз на силните заложби за негување и продлабочување на културните релации меѓу двете земји.

На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Црна Гора имаат одлична соработка на надворешно-политички план. Министрите за култура посочија дека интензитетот на реализираните билатерални посети на сите нивоа е еден од најдобрите показатели за квалитетот на заедничките односи кои и во иднина треба да се унапредуваат во сите општествени сфери, особено во културата која е ефикасен медијатор во меѓусебната комуникација.
Беше потенцирано дека во изминатите години се реализираа голем број проекти и иницијативи, учества на фестивалите во двете земји на кои актерите, режисерите и продукциите, особено од театарската дејност, беа наградувани со многубројни признанија.

На средбата, двајцата министри за култура изразија уверување дека со новата Програма, врските меѓу двете земји ќе се продлабочат уште повеќе, во сите дејности од областа на културата. Беше акцентирана и заедничката соработка на мултилатерален план во рамките на Форумот на словенските култури, ТРАДУКИ, Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – КОМОКОСЕЕ, во рамките на Платформата „16 + 1“ за соработка меѓу земјите од Централна и од Источна Европа и Народна Република Кина итн.

– Министрите за култура го поздравија и одржувањето на изложбата „Европската мода на црногорскиот двор – рефлексии“, која вечер ќе биде отворена во Музејот на македонската борба за самостојност. Беше нагласено дека отворањето на оваа изложба, која претставува соработка меѓу Музејот на македонската борба за самостојност и Народниот музеј на Црна Гора, е значаен чекор во продабочувањето на контактите и размената на проекти во двете земји, стои во соопштението на Министерството за култура.